Австралиска компанија пренесува дел од бизнисот во Македонија

Австралиската компанија Gamut Global Operations ќе развива бизнис софтвер во Македонија. Денеска официјално ја отвори канцеларијата во земјава на што присуствуваше министерот за информатичко општество Иво Ивановски.

„Идејата да дојдеме во Македонија се должи на позитивната инвестициска клима, конкурентната цена и пристапот до квалитетен кадар кој ги исполнува условите кои ни беа потребни. Исто така, посветени сме во обезбедувањето на македонски персонал со пристап до најновата опрема, алатки и процеси, со цел да се придонесе во подобрување на вештините и овозможување продуктивен капацитет“, изјави претставникот на компанијата Џон Бургес.

Компанијата планира да прерасне во голема македонска компанија, со идеја да префрли дел од операциите од Австралија во Македонија.

Министерот Ивановски оцени дека отворањето на претставништвото претставува вистинска можност за развој на компанијата. – Македонија поседува квалитетен кадар и човечки ресурси кои со своите способности активно ќе можат да се вклучат во работата на компанијата. Посебно е значајно тоа што во наредниот период планира и зголемување на бројот на работните места, рече министерот Ивановски.

Своето претставништво во Македонија компанијата го формира во февруари 2014 година. Компанијата развива бизнис софтвер од 1984 година, а нејзините производи ги продава во Австралија и Северна Америка.

Share