Британски парламентарци со поддршка за евроинтеграцијата на Македонија

Премиерот Никола Груевски синоќа во Лондон, по конференцијата на ЕБОР на која присуствуваа сите премиери од Западен Балкан, еврокомесарот за проширување Штефан Филе и претседателот на ЕБОР, се сретна со членови на британскиот Парламент кои се дел од групата поддржувачи на евроинтеграцијата на Република Македонија.

– Имавме можност да имаме заедничка вечера со група поддржувачи на Македонија овде во Англија со некои луѓе што се во Парламентот – пратеници, лордови, баронеси и луѓе од високиот естаблишмент коишто редовно и даваат поддршка на Македонија кога е тоа потребно. Важно е да се има контакти и да се одржуваат контактите со такви луѓе бидејќи кога се најмногу потребни тие се тука да помогнат, да го дигнат својот глас, да потсетат нешто што е важно за нашата држава така што ми беше задоволство оваа вечер да седнеме на заедничка вечера и да им се заблагодарам за досегашната поддршка. Тоа беше моност и да размениме информации и видувања за идните чекори што ги планира Република Македонија. Добро е да бидат информирани во овој правец затоа што тие се многу често гласноговорници на она што го работиме во најпозитивна смисла на зборот и треба да се негуваат тие односи, изјави премиерот Груевски.

Лорд Тимоти Босвел, шеф на Комисијата за ЕУ во Британскиот парламент искажа уверување дека Македонија наскоро ќе стане дел од Унијата.

– Задоволство ми е што го запознав вашиот премиер. Имавме многу успешен ден овде во Лондон. Се надевам дека наскоро во процесот на евроинтеграции ќе можеме да и посакаме добредојде на Македонија како наш иден партнер, рече Босвел по средбата на која присуствуваа и членовите на македонската делегација која го придружува премиерот Груевски.

Карен Лумли, пак, која е член на Парламентот и претседател на парламентарната група за соработка со РМ, најави и скорешна посета на Македонија.

– Македонија е многу добар пријател на Велика Британија. Чест ми е што сум претседател на Парламентарната група за соработка со неа. По изборите ќе дојдам со своите колеги од Парламентот да се запознаеме со новиот претседател, вели Лумли.

Премиерот Никола Груевски на маргините на конференцијата во Лондон се сретна со еврокомесарот Штефан Филе и со министерот за надворешни работи на Велика Британија Вилијам Хејг.

На заедничката средба, која ја имаа со премиерите од регионот, се разговараше за искористување на потенцијалите за економски развој како и одржување напредок, кој е важен за целиот регион.

Share