Бројот на заболени од грип намален за 62,5 %

Во текот на 14-тата недела од 2014 година во Република Македонија пријавени се 297 (МБ 1,5/10.000) новозаболени од грип, што е намалувaње од 56,1% во однос на минатата недела и 62,5% намалување во споредба со бројот на заболени во 14-тата недела минатата сезона. 

Во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, се бележи зголемување за скоро 2 пати.

Во сезоната 2013/2014 (do kraj na 14-тата недела) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 28.525 (МБ 138,8/10.000).  

Во споредба со истиот период од минатата година постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 18%, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира зголемување за 59,1%.

Во текот на 14-тата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека во февруари се пријавени најголем број на случаи со симптоми на грип – 50,4%, а во првата недела од април – 1% од случаите.

Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 4.053 заболени, а најголем морбидитет (749,5/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.

Дистрибуцијата на заболени и морбидитетот по возрасни групи во сезоната 2013/2014 покажува најголем број заболени во возрасната група од 15-64 години – 65,1%, а најголем МБ (236,8/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.  

Во текот на 14-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 2 материјали за тестирање на грип, а 1 бил позитивен na инфлуенца А/H3N2 вирусот.

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 202 хумани материјали, од кои 125 или 61,9% биле позитивни на вирусот на инфлуенца. 

Од позитивните, 89,6% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 10,4% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот. 

Пријавувањето на заболени од грип/ заболувања слични на грип е во континуиранo oпаѓање. Се очекува активноста на вирусот на грип да опаѓа и во наредниот период, до завршување на сезоната. 

Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца  – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А (А/H3N2 – 34,2%, A/H1N1 – 17,1%, нетипизирани – 48,7%).

Во електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 13-тата недела, се наведува дека е забележан пад на клиничките индикатори и инциденцата на лица заболени со грип/заболувања слични на грипот (ILI) и со акутни респираторни инфекции (ARI) се врати на предсезонско ниво и под епидемиолошките прагови во поголемиот број од земјите од Регионот. 

Процентот на позитивни тестирани примероци го следи трендот на намалување на инциденцата и забележан е сé помал број на позитивни примероци. Во Европскиот регион на СЗО ко-циркулираат и двата подтипа на инфлуенца А, инфлуенца A(H1N1)pdm09 и A(H3N2). Оваа сезона е многу низок процентот на детекција на инфлуенца Б вирусот. 

Бројот на хоспитализирани пациенти со SARI се намали оваа недела. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години, а бројот на позитивни тестирани за грип пациенти со SARI остана на нивото од предходната недела. Од почетокот на сезоната, 7 земји пријавиле 4.390 хоспитализации на пациенти, лабораториски позитивни на грип: 99% како резултат на инфекција со influenza A (воглавно A(H1)pdm09) и 1% со influenza B. 

Пет земји пријавиле вкупно 368 смртни случаи, 99% поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 81% – A(H1)pdm09 и 19% – A(H3)) и 1% со influenza B.

Share