Винариите основаа Македонска национална асоцијација

Развој на винарството и лозарството, поголема препознатливост на македонските вина на регионалните и меѓународните пазари, зголемување на домашната потрошувачка и на извозот, како и унапредување на односите меѓу сите чинители во домашниот вински сектор, се клучните цели на Македонската национална асоцијација на винарии (МНАВ) формирана денеска од вкупно 35 винарски визби.

Меѓу приоритетите на Асоцијацијата ќе биде и развојот на винската култура во земјата.

– Бројките и резултатите од последниве неколку години за остварувањата во винарството се соодветен показател првенствено за вашата успешна работа, но и за напорите што Владата ги вложува во оваа гранка. Министерството ќе продолжи со големо внимание и несмален интензитет, со сериозен, посветен и пред се партнерски однос да се залага за јакнење на имиџот на Република Македонија како земја на виното, придонесувајќи кон зголемување на придобивките од поголема потрошувачка, извоз и препознатливост на македонското вино, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски кој присуствуваше на Основачкото собрание.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, Асоцијацијата се очекува да профункционира веднаш по регистрирањето.

Share