Во градинката „Росица“ дечињата го празнуваа „Летник“

Градоначалникот Никола Бакрачески заедно со пратеникот Александар Николоски, Секретарот на општината Димитар Спасески и претставници од градскиот совет, присуствуваше на прославата што по повод празникот „Летник“ се одржа во градинката „Росица“ во населбата „Лескајца“.

Во пријатна и опуштена атмосфера, на најмладите охриѓанчиња кои играа и пееја, градоначалникот Бакрачески топло им го честита празникот „Летник“ без разлика на која етничка група припаѓаат и им посака остатокот од годината да им биде весел и среќен со многу позитивна енергија .

„Би сакал да ја поздравам иницијативата на директорката и на вработените во градинката за организација на оваа манифестација. Навистина негувањето на традицијата и обичаите на различните етнички групи кои преку децата се застапени во оваа детска градинка се од круцијално значење за градењето на заедничкиот живот во општина Охрид. Затоа ваквите иницијативи се важни не само за оваа установа туку и во целокупната организација на животот. Се разбира дека ние како Локална самоуправа ќе ги подржиме ваквите манифестации и ќе земеме активно учество во нивната организација“, рече градоначалникот Бакрачески кој го проследи музичко сценскиот настап и обичаите кои по повод празникот ги изведуваат различните етнички групи.

Дечињата собрани околу градоначалникот, пееја песни и кажуваа по некоја шега од нивното секојдневие. Инаку прославите во објектот на детската градинка „Росица“ се дел од проектот „Заедно растеме и учиме за различностите и сличностите за традицијата и обичаите“.

Share