Во два одвоени случаи кривични пријави за три лица за недозволено држење оружје

Денес, по добиени оперативни сознанија дека 34 годишно лице од Сарај држи поголема количина оружје и муниција и обезбедена добиена Наредба од страна на Судија на претходна постапка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, изврши претрес во неговиот дом и во автомеханичарски сервис “ВЕБИ-КОЧ“ кој е исто така во негова сопственост.

При претресот беа пронајдени и одземени: една пушка “Карабин“, еден Пиштол марка “Берета“, 6 рамки за автоматска пушка, 4 рамки за пиштол, еден тромблонски додаток, 6 држачи за куршуми, 574 куршуми калибар 7,62 мм за автоматска пушка, еден светлечки куршум, 176 куршуми клибар 9мм, 190 куршуми калибар 7,62 мм за пиштол, 22 куршуми непознат калибар, еден куршум за ловна пушка и еден куршум калибар 32 мм. Одземените предмети се бидат предадени на вештачење во Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, а до Основното Јавно Обвинителство – Скопје, ќе биде поднесена кривична пријава против лицето поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “Недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“. 

Во вториот случај, вчера околу 2 часот и 30 минути, во населбатa Малеарди, на влезот на Гостивар, службеници од Полициската станица Гостивар се обиделе да запрат патничко возило „Нисан“ со гостиварски таблици, што го управувало 28 годишно лице, а со него се превезувал уште еден жител на село Сенокос на возраст од 35 години. Возилото наместо да застане, наеднаш ја променило насоката на движење и се упатило кон Tетово. Набргу, полициските службеници го стигнале и ги лишиле од слобода двете лица во него. При направениот преглед, во багажникот, пронајдена е автоматска пушка без кундак со куршум во цевката и со рамка со 19 куршуми, додека кај двете лица пронајдени се: две рачно изработени „фантомки“, два пара гумено-платнени ракавици, метален пендрек на расклопување, јаже долго околу 2 метри и метален осигурувач со алка. Двете лица од возилото приведени се и задржани во Полициската станица Гостивар, а пронајдените предмети со потврда се одземени и ќе се вештачат.

Нешто подоцна, со наредба на судија во претходна постапка од Основниот суд Гостивар, извршен е претрес во куќата на еден од приведените, каде се пронајдени повеќе предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кражби. Против двете лица е поднесена соодветна кривична пријава.

Share