Врвните специјалисти од САД помагаат за развој на македонското здравство

Успешно се одвива и втората година од Проектот за престој и работа на врвни специјалисти од САД во Македонија. Голем број американски доктори кои престојуваа во Македонија дадоа придонес за подигнување на нивото на знаења и вештини на македонските доктори и тоа што беше донесено како нова метода и техника веќе се применува. Годинава престојуваа 17 доктори од САД, оваа пролет ќе дојдат дополнителни 12, а по летните одмори уште 40 американски специјалисти.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, по средбата со доктори специјалисти од САД. Тој рече дека во Македонија повторно престојува координаторот на проектот, американскиот доктор Енди Сендерс со цел дополнително да го развие Проектот и да продолжи да го шири интересот за него меѓу специјалистите и медицинските центри во САД.

Минатата година, посочи министерот, 32 специјалисти од САД престојуваа во јавните здравствени установи во државата кои работеа заедно со македонските доктори -специјалисти во операциските сали, амбулантите, држеа предавања на стручните состаноци итн.

– Доктор Дејвид Ларсон има огромно искуство во оториноларингологијата и пластичната хирургија и е еден од водечките хирурзи во САД на ова поле. Доаѓа и како врвен експерт од САД за програмите за специјализации. Со него разговаравме за начинот на кој се организирани и се одвиваат специјализациите на докторите во Македонија, истакна Тодоров.

Тој појасни дека во Законот за медицински студии и континуирана медицинска едукација е преземен американско-германски модел на студирање кој треба да почне да функционира од септември, а во тој дел се опфатени делумно и специјализациите.

– Доктор Роберт Хофман е специјалист и водечки професор од САД за деца со хормонални нарушувања. Тој работеше на Детската клиника заедно со неговите колеги особено во делот на ендокринологијата и одржа предавања на персоналот и специјализантите за најсовремените сознанија за овие заболувања, рече Тодоров.

Тој укажа дека во Македонија престојува и доктор Марк Лејси, специјалист по инфективни заболувања-ХИВ/СИДА и превенција на инфекции, кој денеска во Штип работи со неговите колеги од штипската болница, а ќе одржи и предавања на Универзитетот „Гоце Делчев“.

– Имаме пракса кога доаѓаат доктори од САД, освен во Скопје, да работат заедно со нивните колеги во болниците во Штип, Битола, Тетово, да држат предавања итн. Од големо значење е придонесот на доктор Брус Мекфејден кој продолжи да ги обучува и менторира хирурзите во областа на лапароскопска абдоминална хирургија кај покомплексните случаи. Доктор Лери Волин престојуваше во Македонија и со него се воведе Bubble CPAP, како нова метода на Детската клиника, нагласи Тодоров.

Тој додаде дека американските доктори по нивниот престој изготвуваат посебен извештај во кој споделуваат со Министерството кое е нивното видување за начинот на кој функционираат докторите во јавното здравство во Македонија и даваат препораки за евентуални мерки кои треба да се преземат за подобрување на аспектите на функционирање особено во делот на стручното функционирање, но и од аспектот на организацијата и вештините на докторите.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека секој доктор од САД кој престојува во Македонија дава забелешки и сугестии за тоа кои техники треба да се подобрат, каде треба да се зголемат знаењата, да се воведе некоја нова метода…

– Од сите тие забелешки имаме направено посебен Акциски план по кој постапува Министерството, особено го имаме споено ова со проектот за едукација на македонските лекари во странство. Секогаш доколку има определен метод за кој треба дополнителни или напредни знаења или доколку треба да се воведат некои вештини кои докторите во Македонија ги немаат, тие сугестии ги користиме при испраќањето на нашите лекари во странство, потенцира Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека водичот за акредитација на здравствените установи е направен, а годинава треба да почне да работи и агенцијата за акредитација на здравствени установи.

Share