Градоначалникот Бакрачески на отворањето на годишното собрание на Еуроклио

Градоначалникот Никола Бакрачески, присуствуваше на отворањето на  годишното собрание на Европската асоцијација на наставници по  историја што од денес до 6 април се одржува во Охрид.

Во поздравното обраќање градоначалникот Бакрачески го изрази своето задоволство што историчарите од различни европски  земји, одлучиле токму во Охрид да разговараат за начините на кои може да се споделува културното наследство  меѓу народите.

„Ако се земе во предвид фактот дека нема народ без историја и нема народ без култура, можам да кажам само големо благодарам до историчарите и до 150-те учесници на годинешната средба кои го одбрале Охрид – Балканскиот Ерусалим, градот колевка на словенската писменост и култура како место, во кое во наредниве шест дена ќе дебатираат за начините на кои може да се сподели културното наследство меѓу државите. Знаејќи дека историјата и наследството на еден народ се преточени во неговата култура сосема е логички да кажеме дека културата е извор на неизмерна сила која на народите им помага да ги надминат препреките но и им дава волја да се соочат со новите предизвици“, истакна градоначалникот Бакрачески, посочувајќи дека Македонија е пример на земја во која се негуваат културните вредности на различните етнички групи.

„Македонскиот горостас Гоце Делчев го спознаваше светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите а сите ние: државници, политичари, граѓани на Република Македонија сме достојни почитувачи на неговата максима затоа што денес живееме во земја која е пример за негување на различните култури, традиции и обичаи“, потенцира градоначалникот.

Инаку Европската Асоцијацијата на наставници по  историја ЕУРОКЛИО годинава заседава по 21-ви пат.

Share