Градоначалникот Бакрачески се сретна со амбасадорката на Австралија за Македонија Јулија Фени

Градоначалникот Никола Бакрачески денеска во Охрид, оствари средба со Амбасадорката на Австралија зa Република Македонија, Јулија Фени, чие претставништво се наоѓа во Белград- Република Србија, и со почесниот конзул од Република Македонија во Австралија, Зоран Костовски.

Во опуштена атмосфера со кафе муабет, градоначалникот Бакрачески ги запозна своите гости со културно –историските обележја и убавини на Охрид кој поради своите специфичности долги години е под заштита на УНЕСКО. Се разгледуваа можностите за соработка меѓу охридскиот и универзитетот кој функционира во збратимениот град со Охрид, Волонгонг каде живеат и работат голем број Македонци при што беше потенцирано дека токму универзитетот во овој австралиски град стипендира голем број странски студенти и дека таа можност е добро да ја искористат и охридските студенти.

На средбата беа разменети мислења за јакнење на економската соработка, размена на искуства од областа на туризмот, привлекувањето на австралиски инвестиции, како и користење на финансиски средства од невладини организации. Се разговараше и за можностите што ги нуди Охрид за влез на хотели од висока категорија на крајбрежјето, како и за можностите за развој на здравствен туризам.

Градоначалникот Бакрачески истакна дека Општина Охрид ги прави сите напори и дека во тек е подготовката на планската документација за отворање на првата индустриска развојна зона во градов, со што ќе се зголеми заинтересираноста на странски инвеститори да инвестираат во охридскиот регион, а воедно со тоа ќе се створат услови за отворање голем број работни места, што е приоритетен ангажман на локалната власт во овој момент.
Во рамки на економското заживување на Охрид, градоначалникот Бакрачески, рече дека во градот се создадени сите предуслови за развој и инвестирање во многу области како земјоделството, производството на здрава храна, автомобилска индустрија и ИТ технологијата.

Во насока на културната соработка меѓу Македонија и Австралија , амбасадорката Фени покажа интерес во иднина ликовни изложби од австралиски уметници да се организираат и излагаат во убавиот Охрид, а пројави желба оваа година да присуствува и на отворањето на најпрестижната музичко – сценска манифестација во земјава фестивалот „ОхридскоЛето“.

На крајот од средбата двете страни најавија зацврстување на меѓусебните контакти кои ќе вродат подобра соработка меѓудвете земји во туристичката,образовната, културната и економската сфера.

Share