Државата ги намалува трошоците за вработување млади до 29 години

Работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси во тек на првата година.

Мерката за чие спроведување во Собранието беа усвоени измени на три закони ќе трае две години со можност за продолжување зависно од постигнатите резултати. Целна група се сите млади невработени лица до 29 години.

Како што информира на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, со новата мерка работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за осигурување во случај на невработеност, за лица кои ќе бидат вработени со полно работно време.

„Ослободувањето од социјалните придонеси ќе биде за период од 12 месеци со обврска понатаму работодавачот да го задржи на работа тоа лице уште дополнителни 12 месеци. Ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси односно до основицата од просечната бруто плата од претходната година. Доколку работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата ќе треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата“, појасни Спасов.

Покрај ослободувањето од социјалните придонеси, укажа Спасов, работодавачот ќе биде ослободен и од плаќање персонален данок на доход за тоа лице, можност што постои како законско решение. Тој потенцира дека сега покрај тоа што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање персонален данок за вработување млади лица до 29 годишна возраст дополнително ќе биде ослободен од плаќање социјални придонеси за вработување млади лица до 29 години во период од 12 месеци.

Тоа, посочи министерот Спасов, за работодавачот значи намалување на трошоците за вработување лица за 37 проценти, односно 27 проценти за придонеси и 10 проценти за персонален данок од големината на бруто платата.

„ Со законските измени системски се влијае на поттикнување на вработувањето на младите лица од една страна, а за работодавачите претставува големо олеснување и поддршка затоа што државата им ги намалува трошоците за ангажирање на работен кадар односно ги ослободува од трошоци кои можат да ги задржат и да ги употребат во друга функција за развој на бизнисот“, рече Спасов.

Целна група која може да се опфати со оваа мерка се околу 45.000 млади невработени лица до 29 години кои се наоѓаат на евиденција на Агенцијата за вработување, од кои 25.000 се изјасниле дека се активни баратели на работа и 20.000 дека се пасивни баратели на работа.

„ Оваа мерка не е изолирано решение, напротив, се работи за еден системски потфат составен преку различни активни програми и мерки за вработување преку кои се опфатени младите лица до 29 години како што се програма за самовработување, субвенционирање на вработувањето, практикантство, различни видови обуки. Иднината на една држава ја засноваат младите луѓе. Тие се потребни овде, и Владата на Република Македонија ќе продолжи да им овозможува можности, преку кои ќе го реализираат својот животен сон“, рече Спасов.

За да ја користат новата мерка работодавачите од приватниот сектор не треба да го намалат бројот на вработени на неопределено време од 1 јануари годинава до денот на вработувањето на новите работници, освен во случај на смрт, пензионирање или прекршување на Законот за работни односи. Треба да поднесат барање до Агенцијата за вработување за користење на оваа можност. Ако неосновано го намалат бројот на вработени во период од 24 месеци и го откажат договорот за вработување со ангажираното лице, имаат обврска за плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување. Ослободувањето од плаќање на социјалните придонеси и персонален данок на доход, додаде министерот за труд и социјална политика, важи и за самовработување на млади невработени лица до 29 години.

Според Спасов, законските решенија треба да стапат во сила осум дена по објавувањето во Службен весник. Законските измени би требало да бидат објавени во Службениот весник денеска.

Тој појасни дека законските решенија биле разгледани и усвоени од Економско социјалниот совет, а биле поддржани и од стопанските комори и бизнис заедницата, како и од младинските организации.

Share