Ефикасна акција на охридската противпожарна единица

Благодарение на брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица од Охрид  на бензинската пумпа што се наоѓа во непосредна близина на аеродромот „Св. Апостол Павле“, вчера се спасени тројца охриѓани на возраст од 64, 55 и 46 години.

Инцидентот се случил утрото кога тројцата охриѓани чистејќи го 12 метри долгиот резервоар за дизел гориво паднале во бесознание поради штетното испарување и недостиг на кислород. Како што информираа од охридската Територијална противпожарна единица тие вчера околу 8. 22 ч. добиле дојава за случајот од Секторот за внатрешни работи од Охрид, по што веднаш дејствувале и ги извлекле тројцата охриѓани од резервоарот. Повредените со возила на брза помош биле итно пренесени во болниците во Охрид и Струга и се надвор од животна опасност.

Од Територијалната противпожарна единица информираат дека пожарникарите: Љубен Блажески, Борко Јанкулоски, Митко Аслимоски, Оливер Цепеноски и возачот Маријан Мироски успеале навремено да спасат три човечки животи.

Истражните органи работат на расветлување на случајот кој за среќа не понесе човечки жртви.

Share