Започна промотивната тура „Охрид 2014“

Во рамки на Локалната самоуправа и Секторот за туризам и локален економски развој, оваа година за прв пат се организира промотивна тура „Охрид 2014“ , во период од 03 – 06 Април. На турата присуствуваат околу четириесетина туроператори, туристички агенции и медиуми од емитивните подрачја, односно од Турција, Албанија, Бугарија, Русија, Косово и Србија.

„Целта на оваа посета е гостите да се запознаат со туристичкиот потенцијал на Охрид, преку едно директно и непосредно нивно присуство, да се запознаат со сите оние специфични елементи на туризмот во Охрид. Предвидени се посети на хотелски капацитети, директни средби со сопствениците на хотелските капацитети од Охрид, како и посета на сите знаменитости. Во рамки на оваа посета планирани се посети на сите оние форми на алтернативен туризам“, изјави Ѓоко Апостолов.

Утрешниот ден ќе биде резервиран за посета на руралните средини во околината на Охрид, каде што гостите ќе ја вкусат традиционалната куња, потоа ќе се посети Галичица, каде ќе се оствари средба со претставници на националниот парк „Галичица“ и со претставници на параглајдинг клубот.

„Верувам дека оваа година, иако е започнат како пилот проект, ќе имаме успех во промоцијата на Охрид како туристичка дестинација, а од друга страна она што најмногу го очекуваме е практично склучување на аранжмани со нашите туристички чинители во градот. Она што ќе го оствариме за овие четири дена во Охрид, се надевам дека за брзо време ќе вроди со плод, а од досегашните најави кои ги имаме, веќе е предвидено склучување договори за гостување на луѓе од земјите кои имаат претставници во оваа тура“, додаде Апостолов.

Од наредната година Локалната самоуправа планира зголемување на буџетот на Секторот за туризам и локален економски развој со што ќе е овозможи организирање на ваква тура на едно повисоко ниво и со поголем број на учесници.

Со помош на оваа промотивна тура и земајќи ги во предвид политиките на македонската влада за субвенционирање во областа на туризмот се зголемува и можноста за поголема соработка и поголем број туристи кои од Албанија ќе доаѓаат во Македонија. Минатата година во вашата земја донесовме од 2000 до 3000 туристи, а оваа година според нашите проценки земајќи ги во предвид овие олеснителни околности со субвенционирањето, планираме да донесеме од 7000 до 8000 туристи, рече Садик Малај- претседател на Унијата на туроператори од Тирана.

Малај потенцира дека ваквите средби значително ќе допринесат за зголемување на бројот на туристите кои доаѓаат во Охрид.„Кога во Турција ќе се спомне Македонија, прво што Ви доаѓа како асоцијација е Скопје. Па затоа по враќањето во Анталија, ќе подготвиме телевизиски прилози за туристичкиот потенцијал на Охрид, како и репортажи во пишаните медиуми. Имате прекрасен град и езеро кое наликува на море, кои заслужуваат да бидат видени од што поголем број луѓе во светот . Во Турција најпознат град од Македонија е Скопје, наша цел е  за Охрид да слушнат што повеќе луѓе и во иднина Македонија да биде препознатлива по убавините на Охрид“, истакна Артим Коч, туристички работник од Турција.

 

Share