За прв пат на 5-ти мај ќе се одбележи Денот на реката Дрим

Во канцеларијата на Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро во Салата на СРЦ Атина Бојаџи Охрид, денес се одржа прес конференција по повод прогласениот Ден на реката ДРИМ, кој од оваа година ќе почне истовремено да се одбележува во 5- те  држави од Басенот на реката Дрим, како дел од Проектот за управување со Дримскиот Басен.

На пресот зборуваа Дејан  Пановски од Билатералниот Секретаријат како носител на проектот за управување со  Дримскиот Басен и Ѓоко Зороски од ЕД Грашница кои како невладин сектор ќе ги спроведат активностите за  Денот на Дрим.

„Од ваков голем Проект како Дримскиот, ќе има економски бенефити во Басенот затоа што ќе се спроведуваат многу проектни активности и работи на терен. Со Дримскиот проект ќе има еколошки бенефит затоа  што ќе се преземаат мерки против поплави и суши и со тоа ќе се спасува и Охридското Езеро од нагли движења на нивото. Ќе се направи и План за управување со целиот Басен. Со Дримскиот Проект ќе има и енергетски придобивки затоа што ќе се утврдува целиот капацитет за производство на хидро енергија. Со Дримскиот проект ќе има социјални бенефити преку комуникација и координација со разни сектори и заеднички настани. И секако со Дримскиот проект ќе има политички бенефити затоа што екологијата ќе се користи како најдобар промотор на политичките односи на земјите во Басенот“. – истакна  Дејан  Пановски од Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридското Езеро.

Како што рече Пановски, Денот на реката Дрим, ќе се одбележи на 5 мај, кој од годинава ќе се одбележува истовремено со 5те држави од Басенот на реката Дрим.

„Сето тоа ќе започне со еден заеднички Ден на реката Дрим кој симболично е одлучено да биде 5 мај , што го одбележува бројот на држави кои го споделуваат Басенот на Дрим и ќе се прославува истовремено во секоја од 5те држави. Финансиската поддршка за настанот е од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ)“. – додаде Пановски.

Share