За прв пат Охрид ќе биде домаќин на спортската манифестација Гимназијада

Оваа година за прв пат градот Охрид ќе  биде домаќин на спортската манифестацијата Гимназијада, која ќе се одржи во месец мај. На неа директно ќе учествуваат околу 1000 средношколци поделени во 6 спортови (фудбал, кошарка, ракомет, атлетика, футсал и одбојка) и неколку промотивни спортови.

„Свесни од фактот дека занимавањето на младите со спорт и спортската рекреација не влијае само на здравјето и правилниот телесен развој туку и на интелектуалниот, естетскиот и моралниот раст на целокупното општество ја имаме одговорната задача да им овозможиме на децата и младината што повеќе квалитетни дополнителни програми за спорт и спортската рекреација како би им пружале прилика за телесно вежбање се со цел да ги отргнеме од улицата каде се соочуваат со многу опасности. Еден од тие програми е Спортската Гимназијада каде учествуваат или се инволвирани средните училишта од државата.“ – вели претседателот на Сојузот на училишен спорт – Охрид , Пеце Георгиевски.

Според Георгиевски, Гимназијадата како спортски настан е најмасовната спортска манифестација која се организира во Македонија.

„Довербата која ни е доделена претставува голема одговорност за нас како организатори и за градот како домаќин. Заедничка цел е да им овозможиме на сите учесници и гости, пријатен престој и добри услови за време на одржувањето на Гимназијадата.“– додаде Георгиевски.

Покровители на Гимназијадата Охрид 2014 се Министерство за образование и наука, Агенција за спорт и млади и Локална самоуправа Охрид, додека организатори на манифестацијата се Федерација на училишен спорт на Македонија и Сојуз на училишен спорт – Охрид.

Share