Зголемен интересот за информирање за состојбата на учениците преку СМС

Интересот за користење на СМС услугата преку која родителите или старателите имаат можност еднаш неделно да добиваат известување за последните промени во образованието на нивните деца е зголемен за околу 50 отсто во изминатите четири месеци, од почетокот на активноста.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција информира дека во ноември, првично биле испратени 143.345 СМС пораки, а неделава 212.690 на исто толку оставени телефонски броеви. Во однос на јазикот, на кој се испратени пораките, 170.780 се на македонски, 40.324 на албански и 1.586 на турски јазик.

– Родителите и старателите го практикуваат овој начин на информирање за состојбите на нивните деца во училиште и повеќе не се чекаат само родителските средби. Според раководствата на училиштата, тие ги интензивираат посетите и средбите со класните раководители и другите наставници, односно при секоја поважна промена остваруваат непосреден контакт за да се информираат за се што ги интересира поврзано со нивните деца – ученици, рече Ристовски.

Со оваа мерка, нагласи тој, целта е постигната, и во интерес на родителите и старателите, бесплатната СМС услуга и понатаму ќе биде достапна за секој активен, но и потенцијален корисник.

Од 1 ноември од кога стартуваше овој процес, Ристовски информира дека биле вршени редовни инспекциски надзори од просветниот инспекторат.

– Извршени се 422 инспекциски надзори во 282 основни и 140 средни училишта. Донесени се 21 решение за отстранување недостаток по кое се поставува во рок од осум дена. По сите е постапено од страна на наставниците и нема ниту еден поднесок до суд, истакна Ристовски.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков посочи дека досега немало ниту едно судско постапување, односно решение за некој од членовите на синдикатот.

– Евентуалните недоразбирања или проблеми на терен се надминати во социјален дијалог меѓу синдикатот и МОН, но и со партнерскиот однос со државната просветна инспекција, рече Неделков, додавајќи дека со коректен и искрен однос може да има заеднички резултати, кои ќе го покажат ефектот од воведувањето на електронскиот дневник.

Информирањето на родителите за состојбата на учениците преку СМС пораки е дел од проектот „Информиран родител“, во чии рамки беше воведен електронски дневник, кој овозможува брз и едноставен увид во информациите од дневникот во пишана форма.

Share