Земјоделците и таксистите опфатени со законските измени во патниот сообраќај

Носителите на семејно земјоделско стопанство евидентирани во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои имаат во сопственост или под лизинг најмногу две возила за сопствени потреби не треба да поседуваат лиценца, превозот можат да го вршат врз основа на потврда издадена од Министерството за транспорт и врски.

Ова е една од новините на Законот за превоз во патниот сообраќај што на прес-конференција ги презентираа министрите за транспорт и врски и за труд и социјална политика, Миле Јанакиески и Диме Спасов.

Новини има и во такси превозот. Како што истакна Јанакиески, возачот со себе задолжително треба да го има сертификатот за авто-такси превоз, а сертификатот е задолжителен услов за добивање лиценца за вршење на оваа дејност.

„Измените и дополнувањата се направени имајќи ги предвид потребите на земјоделците со цел олеснување на вршењето на превозот на стоки при вршењето на нивната дејност, како и врз основа на предлозите од Градот Скопје за осовременување на дејноста такси превоз во Република Македонија кои се усогласени со Здруженијата на авто-такси превозниците во Градот Скопје,“ рече министерот Јанакиески.

Предлогот, наместо лиценци, земјоделците за возилата да имаат потврди од Министерството, беше предлог на жителите од село Виничани, Градско. Потврдата се издава со важност од пет години и може да се продолжи за период од пет години со поднесување барање за продолжување пред истекот на рокот на важност.

Носителот на семејно земјоделско стопанство кој ги исполнува условите од овој закон поднесува барање за добивање на потврдата за вршење превоз до Министерството за транспорт и врски, со доставување писмени докази за исполнување на условите пропишани со овој закон, а Министерството за транспорт ја издава потврдата најдоцна во рок од 30 дена по приемот на комплетното барање за издавање на потврдата.

Во законот, посочи Јанакиески, се дефинирани начинот и постапката за добивање сертификат за дејноста такси-превоз.

„Се предвидува иста постапка како што во моментов ја спроведува Министеството за транспорт и врски за добивање сертификат за управител и за возач во меѓународниот патен сообраќај. Возачот на такси возило најпрво треба да посетува обука во овластена институција, односно компанија, па со потврдата за завршена обука ќе поднесе пријава за испит и врз основа на уверението за положен испит ќе може да поднесе барање за добивање на сертификат за авто-такси возач“, објасни министерот.

Одредбите кои се однесуваат на испитот, се усогласени со одредбите на Законот за полагање правосуден испит.

Во законот се предвидени и одредби за изрекување глоби доколку се констатира дека определен странски превозник незаконски врши превоз на територијата на Република Македонија.

Share