Кинескиот амбасадор на заминување на прием кај градоначалникот Бакрачески

Градоначалникот Никола Бакрачески, денеска прими кинеска делегација предводена од Амбасадорот на Република Кина во Република Македонија, Цуј Џивеи чиј мандат истекува во месец мај годинава.

Градоначалникот Бакрачески се заблагодари за сите заложби и активности, што Амбасадорот Џивеи ги направил за доброто на Република Македонија но и за градот Охрид ,посебно истакнувајќи ги неговите заложби за реализација на проектот што се однесува на изградба на автопатот од Кичево до Охрид, а кој е особено значаен за туристичкиот и стопански развој на градов.

„Неговото лобирање за добивање кредит од кинеската влада за реализација на автопатската делница од Кичево до Охрид за нас како град кој што се стреми да биде главна туристичка дестинација не само во Македонија туку и во Балканот, и град кој што прави крупни чекори во насока на забрзување на економскиот раст е од круцијално значење“, рече градоначалникот Бакрачески, кој меѓу другото потенцира дека значајни се и заложбите на Амбасадорот за добивање кинески средства за изградба на прочистителна станица во Охрид.

„Би ја искористил оваа прилика да се заблагодарам за разбирањето на кое наидовме од Амбасадорот Џивеи за поддршка на проектот за изградба на прочистителна станица во Охрид со која заедно сакаме да дадеме придонес кон заштита на животната околина и чистотата на Охридското Езеро. Без разлика како ќе заврши епилогот, сакам да дадам признание за напорите што ги направи Амбасадорот да дојдеме до одредени средства од кинеската влада за да го реализираме овој проект“, потенцира градоначалникот Бакрачески.

Амбасадорот Цуј Џивеи пак рече дека Охрид е еден од најубавите градови што некогаш ги видел и дека со изградбата на автопатот и воспоставувањето на директните авионски линии верува дека ќе има значително туристичко заживување на градов. Тој подвлече дека Кина високо ја цени позитивната улога на Македонија во регионов и дека добрата соработка меѓу двете земји продолжува и во иднина.

„Се надевам дека ќе имаме можност и преку збратимениот кинески град Далијан со Охрид таа соработка да ја унапредиме и во делот на туризмот , културата, спортот и во делот на економијата“, рече кинескиот амбасадор Џивеи посочувајќи дека Република Кина постепено ја зацврстува трговската соработката со Република Македонија што се изразува и во започнатиот увоз на Македонското вино кое е барано на кинескиот пазар.

Во знак на добрата соработка со Амбасадорот на заминување Џивеи, градоначалникот Бакрачески му подари охридска резба, а на членовите од неговата делегација охридски филигран. Од кинеските гости Градоначалникот на подарок доби традиционален кинески вез а доби и отворена покана како претставник од Македонија да гостува на меѓународниот Еко- туристички семинар што од 10 –ти јуни до 7ми јули годинава се одржува во Република Кина.

Share