Кривична пријава за охриѓанец поради узурпација на недвижности

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Узурпација на недвижности“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Џ.(50) од Охрид.

Во периодот од 9-ти јули до 16-ти август минатата година, пријавениот со намера за владение без било каков правен основ, кај плажата „Корали“ завзел туѓа недвижност односно имот сопственост на Република Македонија во вкупна површина од 5082 метри квадратни. Просторот го оградил и без одобрение за поставување на урбана опрема издадено од градоначалникот, поставил три покриени шанкови со разни димензии, три летни тераси, една кружна дрвена настрешница, една метална платформа и метална осма- трачница, повеќе дрвени конструкции со хоризонтални и вертикални греди како и камени огради во должина од 180 метри.

Пријавениот како избран закупец-концесионер на државното земјиште на кое била лоцирана плажата, во дадените рокови не ја платил утврдената закупнина од 457.380,оо денари и покрај тоа што во текот на декември минатата година бил писмено предупреден од Општина Охрид.

При инспекциските надзори извршени во јули и август минатата година извршени од градежната инспекција при Општина Охрид како и од Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор-Охрид во содејство со полициски службеници на СВР Охрид, пријавениот И.Џ. бил затекнат дека неовластено го владее и користи државно земјиште кај плажата „Корали“ и на истото врши угостителска и туристичка дејност без за тоа да има правен основ и без за истото да плати соодветен надоместок во корист на Општина Охрид за користење под закуп на ова државно земјиште.

Share