Македонските научници зачестено ги користат меѓународните бази за научно-истражувачка дејност

Македонските научници и универзитетски професори се повеќе ги користат податоците од меѓународната база EBSCO, која од 2012 година им е достапна во  Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. На располагање им се научни трудови, библиотечни фондови и околу 30.000 списанија со фактор на влијание.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски е задоволен од искористеноста на базата зашто за две години има околу 180.000 пребарувања, а 40.000 од нив се само во последните пет месеци.

– EBSCO се користи две години и со исклучително голем интензитет од страна на универзитетите. Има околу 180 илјади пребарувања и тоа е значајно зашто е директен увид на квалитетот на научно-истражувачката дејност на домашните научници. Апелирам и понатаму да ги користат овие бази, затоа што со нивното користење се зголемува квалитетот на научно-истражувачката дејност во Република Македонија. Од тоа бенефитот е поголем и општествено позначаен, рече Ристовски при посетата на НУБ.

EBSCO е истражувачки сервис за онлајн пребарувања, агрегат со научни трудови кои служат како извори на информации/референтна литература за помош на научниците да ги подготват своите трудови.  Годишната претплата за EBSCO е околу 100.000 евра и е на товар на МОН. Научниците ја користат базата во библиотеката, каде што добиваат своја шифра за регистрација.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Иван Заров изјави дека базата овозможува македонските научници да бидат во чекор со светската наука, да објавуваат трудови и да ги следат трудовите на своите колеги. Не прецизираше колкав е бројот на научници од Македонија чии трудови се внесени во EBSCO, но медицината е најзастапена област во која македонските автори објавуваат трудови во научни списанија со импакт-фактор.

Share