МВР, како и претходно, ќе обезбеди непречено, безбедно и мирно спроведување на изборите

“Министерството за внатрешни работи согласно делокругот на надлежностите има задача да обезбеди безбедно одвивање на претстојните Претседателски и Парламентарни избори. Од МВР и овојпат се очекува, како и во изминатиот период, да покаже висока професионалност во спроведување на мерките и активностите со цел непречено одвивање на целокупните изборени процеси во државата“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната работна средба на челните луѓе на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди со претставници на раководниот кадар на секторите за внатрешни работи посветен на обуките и подготовките за непречено одржување на претстојните претседателски и парламентарни избори што се одржа во Центарот за обука во Идризово.

Министерката Јанкулоска посочи дека активностите што ќе ги преземеме МВР се поделени во три фази: предизборен период, вклучувајќи ја и кампањата, денот на гласањето и периодот по затварањето на гласачките места во двата изборни процеси, при што веќе е отпочнато со реализација на конкретни активности во надлежност на МВР.

Според Јанкулоска покрај формирање    на Оперативен штаб кој треба да ги испланира и реализира сите активности во рамки на републичката акција „Избори 2014“, предвидена едополнителна едукација на полициските службеници со планирана агенда за нивна реализација.

Децентрализираната обука, како што нагласи министерката Јанкулоска веќе е отпочната и ќе трае до петти април при што низ неа ќе поминат околу 7.000 полициски службеници, а до сите СВР-а електронски е дистрибуиран новиот прирачник “Полициско постапување за време на избори“ изработен согласно новите измени во Изборниот законик.

“Полициските службеници, при преземање на мерките и активностите, мора да покажат висок степен на интегритет што подразбира чесност, професионалност и објективност во постапувањето, а старешините потребно е да покажат лидерски и менаџерски способности. Истовремено, при извршување на работните задачи од полициските службеници се очекуваат да постапуваат одговорно и совесно со почитување на прописите и стандардните процедури за работа“, нагласи Јанкулоска.

Од своја страна пак помошник на министерот за Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди д-р Анета Станчевска истакна дека од особено значење е и обрската за вработените во МВР надвор од работното време да не се ставаат во функција на политичките партии заради вршење на предизборни или изборни нерегуларности, да не го нарушуваат јавниот ред и мир и угледот на Министерството за внатрешни работи; да се воздржуваат од било какви провокации на активисти на политичките партии, а доколку учествуваат во вакви настани ќе бидат превземени најстроги дисциплински мерки согласно Колективниот договор на МВР и важечките закони. Според Станчевска вработени на СВКПС на денот на изборите ќе бидат распоредени во Секторите за внатрешни работи, и за секое примено известување за незаконско и непрофесионално постапување на полициските службеници припадниците на Секторот веднаш ќе излезат на лице место со цел констатирање на фактичката состојба и превземање на соодветни мерки.

Share