Одбележан Меѓународниот ден на аутизмот

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и аспергеров синдром „Во мојот свет“ – Скопје денеска на симболичен начин го одбележаа Меѓународниот ден на аутизмот – 2 април, редејќи голема сложувалка-симбол на оваа состојба пред Дневниот центар за деца со аутизам.

Овој центар, кој почна неодамна да работи, нуди вонинституционална заштита на децата и младинците со аутизам и обезбедува дневно згрижување, креативно едукативни работилници и развој на социјални вештини. Дневниот центар има капацитет да згрижи 15 деца на возраст до 18 години, со можност таа бројка да се зголемува.

– Дневниот центар за аутизам работи како организациски дел на Центарот за социјална работа на Град Скопје. Центарот обезбедува дневно згрижување. Овој капацитет овозможува една квалитетна грижа за децата со аутизам и индивидуален третман и пристап на секое дете поединечно. Во Дневниот центар за аутизам работат професионалци – логопед, психолог, дефектолог и негувателка. Во моментов Дневниот центар го посетуваат пет деца кои добиваат комплетен третман плус тие дечиња имаме и други кои посетуваат индивидуални третмани. Центарот нуди стручно-консултативна помош за родителите, односно сите развојни потреби и однесувања на нивните деца, изјави директорката на Центарот за социјална работа на Град Скопје Билјана Јарчевска.

Центарот располага и со сензорна соба во која се спроведува програма за сензорна интеграција која, според искуствата во досегашните работи со вакви деца, давала одлични резултати во нивниот третман.

Дневниот центар за деца со аутизам, кој е прв од ваков вид во Македонија, е сместен во објектот на Заводот за рехабилитација на деца и млади. За неговата реконструкција, адаптација и опремување во буџетот на МТСП биле обезбедени средства во вкупен износ од 3.167.224 денари, вклучително и средствата за новите вработувања на дополнителниот број стручни лица за неговите потреби.

Овој Центар го отвори Министерството за труд и социјална политика во соработка со Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“. Во наредниот период се планира отворње на уште еден ваков центар на територијата на Градот Скопје, како и отворање дневен центар за деца со аутизам во Штип.   

Согласно законот за заштита на децата родителот односно старателот кој има дете со аутизам остварува право на посебен додаток во износ од 4.202 денари додека не наполни 26 години, доколку тоа не е институционално згрижено на товар на државата. Во моментов во Македонија има 97 деца со аутизам кои го остваруваат правото на посебен додаток.

Самохраните родители кои имаат дете со посебни потреби, за какви се сметаат аутистичните, дополнително добиваат и посебен додаток кој сега е зголемен за 50 проценти и изнесува 6.400 денари.

Професорот Љупчо Ајдински, дефектолог, вели дека работите за борба со аутизмот и унапредување на правата на овие лица во изминатите години се придвижуваат. Формирани се, рече, здруженија на родители кои имаат вакви деца, но и Македонско-научно здружение за аутизам. Според него, функционирањето на овој Центар е од исклучителна важност за ваквите деца и оти такви центри треба да се отвораат и во другите градови. Тој вели дека во Македонија се уште нема точен број на деца со ваква состојба, но оти тој број е голем и оти се зголемува, но и дека не се знаат причините поради зголемувањето.

Досега МТСП има отворено 24 дневни центри за деца со пречки во менталниот развој, а се планира во иднина таков да се отвори и во Струмица, Валандово и Охрид. Во тек се активности за подготовки на Центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години и нивните семејства во местото на живеење како заедничка иницијатива на МТСП со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ и Градот Скопје.

Се планира и  отворање дневен центар на деца со оштетен вид на помала возраст кои не се опфатени со ниту една форма на едукација или рехабилитација.

Share