Одржана интерактивна работилница во ОУТУ „Ванчо Питошески“

Под мотото „Јас пешачам за … “, денеска во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во општина Охрид, за учениците се одржа интерактивна работилница преку дискусија на темите „Застани на време“ и „Помини на пешачки премин“, како превентивно-едукативна активност за намалување на бројот на загинати и повредени пешаци во рамки на Неделата за безбедност на пешаците, што се одбележува од 1 до 7 април.

Беше истакнато дека во Македонија лани загинале 48 пешаци. Во просек годишно животот го губат 40 пешаци, а по нивна вина се случуваат 200 сообраќајни незгоди. Пешаците се една четвртина од вкупниот број жртви во сообраќајни незгоди, а дел од таа бројка се и деца.

Уцениците заедно со професорите низ дебата ја определија целта, т.е. да се поттикнат учесниците да ги почитуваат законите. Заклучија дека сообраќајни решенија има, но реалниот проблем е што многу од пешаците не сакаат да одат 50 метри повеќе или да се искачат 10 метри за да го поминат патот. Тоа може да се надмине само со превенција и подигнување на јавната свест со постојано потсетување на пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и секако, доколку не го прават тоа, да бидат казнети. Но, доколку не грешат нема да платат ништо. Едукацијата на учениците на вакви и слични теми ќе продолжи и понатаму се до крајот на учебната година.

Share