„Отворен ден“ за граѓаните во МВР

Денес, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска имаше работен состанок во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди со цел подобрување на комуникацијата со невладиниот сектор, во пресрет на претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори. Целта на посетата е информирање за мерките и активностите што се превземаат, но и потсетување за правата на граѓаните кои ги имаат во случај кога ќе почувствуваат дека на кој било начин полициските службеници излегле надвор од професионалните стандарди и службените овластувања.

Министерката Јанкулоска потенцираше дека граѓаните ги доставуваат своите забелешки и понекогаш претставките се основани, но има случаи кога се утврдува дека полициските службеници постапувале во рамки на нивните службени овластувања.

„Особено не радува фактот што граѓаните се повеќе се охрабруваат да го кажат своето мислење“, изјави Јанкулоска на денешниот состанок, додавајќи оти најчестите претставки се за несоодветно однесување на полициските службеници, употреба на несоодветна сила и пречекорување на дел од другите полициски овластувања.

Претседателот на Македонскиот центар за култура и развој и раководител на процесот „Граѓанска превенција“, Нелко Нелковски најави дека оваа НВО ќе соработува со Изборните штабови на сите релевантни партии за превенцијата во рамки на изборниот процес.

„Ќе бидат вклучени 70 наши активисти во целата земја и ќе имаме завршен извештај кој ќе биде доставен до сите институции, политичи партии и меѓународните посматрачи“, изјави Нелковски.

Share