Охридската гимназија со низа активности за Денот на пролетта

Денеска со низа на активности по повод доаѓањето на пролетта, како и другите важни датуми кои се одбележуваат на овој ден, гимназијалците од ОСУ „ Св. Климент Охридски“ се приклучија во акција на разубавување на градот и својот училишен двор.

Се одржа еко акција со садење цвеќиња, како и делење на едукативни еко флаери на учениците и минувачите пред училишната зграда.

Во рамките на проектот Имплементација на конвенцијата за правата на детето во РМ, во соработка со Младински совет и подржан од Локалната самоуправа, беше организиран отворен – инфо ден, преку кој учениците правобранители ги запознаваа своите соученици за правата и обврските во училиштето, како и за начините на комуникација со учениците доколку некое право биде прекршено. Во двете згради, еккономската и гимназиската беа пoставени визуелни ознаки за дете правобранител, како и некои членови од Конвенцијата за правата на детето, и се делеа пригодни флаери. Со оваа активност беше извршена промоција на детето правобранител и неговата улога во училиштето. Целта беше да се зголеми видливоста, а исто така и учениците повеќе да се запознаат со нивните права и обврски.

Паралелно, се одржа и Училишниот натпревар во спелување по англиски јазик Spelling Bee, на кој учествуваа 40 ученици од I до IV година. Од нив 6 ученици се квалификуваа за учество на Регионалниот Spelling Bee и тоа: • Адриан Димитријески I 6 • Марија Маркоска – I-8 • Илче Грунче – II-11 • Емилија Петреска – III-5 • Марија Бошковска – IV-6 • Маријана Котоска – IV-8.

Регионалниот натпревар ќе се одржи на 3 мај 2014 година во Американското катче, Струга. Натпреварот беше организиран од професорките по англиски јазик со помош на волонтерот од Мировниот корпус Даниел О’ Брајан, и е заеднички потфат на Мировниот корпус и Американските катчиња.

Покрај тоа, се одржа и работилница за Меѓуетничка интеграција во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој целосно и безрезервно се ангажира за имплементирање на мултиетничките вредности во образованието, која ја водеа проф. К.Слатинова и проф.С.Каневче.

Share