Охрид ќе биде домаќин на светската туристичка бизнис елита

По повод големата Конференција за туризам што  од 10 до 12 септември ќе се одржува во Охрид и Скопје ,а чиј покровител е Премиерот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски  и  Генералниот секретаријат на Светската туристичка организација,  градоначалникот Никола Бакрачески оствари работна средба со регионалниот директор   за Европа  на Светската туристичка организација  UNWTO, Изабел Гарања.

На средбата директорката Гарања го информира градоначалникот Бакрачески за суштината и важноста  на Конференцијата за туризам која што покрај туристички и економски има и силен политички дел. Притоа градоначалникот Бакрачески го изрази огромното задоволство што на Охрид му се нуди можноста да биде домаќин на ваква  манифестација  со светско реноме. Градоначалникот  истакна дека Општина Охрид ќе ја даде целата логистичка поддршка во поглед на непречена организација на оваа меѓународна туристичка конференција.

Госпоѓа Гарања, заедно со својата придружба  беше на прошетка низ Охрид со цел да се запознае со сите културно историски белези и археолошки локалитети кои ги поседува Охрид- балканскиот Ерусалим.
Во насока на подготовките г-ѓа Гарања, покрај со градоначалникот Бакрачески,  имаше работни состаноци  и во министерството за надворешни работи и со Директорот на Агенцијата  за промоција и поддршка на туризмот  .До крајот на овој месец ќе се  договорат  сите детали околу конференцијата.
Фактот што Охрид ќе биде домаќин на  ова значаен меѓународен настан,  укажува дека во есенскиот период  очекуваме бројни елитни гости , кои ќе обезбедат туристичко пулсирање надвор од главната туристичка сезона.
Share