Попоски: Грција да го следи примерот на Македонија во почитување на меѓународното право

Денеска најмногу се говореше околу почитување на меѓународното право, тоа е наш терен бидејќи го почитуваме дома и кон соседите и го применуваме во надворешната политика. Нашите домаќини послабо стојат на тоа поле, но ние сме подготвени да им помогнеме да почнат тоа што го говорат и да го применуваат. Најискрено и најотворено сметаме дека тоа е добро и за нас и за регионот и за Еропската унија.

Ова денеска го изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ што се одржа во Атина.

Објаснувајќи како можеме да и помогнеме на Грција во врска со почитувањето на меѓународното право, Попоски рече дека „доколку го следат нашиот пример, на најдобар начин ќе бидат апсолвирани сите прашања“.

– Можеме да им помогнеме со тоа што преку нашето однесување кое го одразува почитувањето на меѓународното право, можеме да им дадеме добар пример за тоа дека е добро она што го говорат за почитување на меѓународно право да си го применуваат сами, нагласи тој.

На новинарско прашање дали тоа значи дека македонската страна притиска за почитување на пресудата на Меѓународниот на правда во Хаг, Попоски рече дека „тоа значи дека ние притискаме она што го говорат во Европската унија, особено онаа членка која досега не го исполнила тој критериум – почитување на меѓународното право, да почне да го применува“.

– Хашката пресуда е одраз на највисоката инстанца во ОН од правен аспект така што ако говориме за почитување на меѓународно право, тоа треба да ни е главниот столб, потенција тој.

Коментирајќи ги постојаните обвинувања од страна на Грција, дека токму Македонија не го почитува меѓународното право, министерот Попоски рече дека за овие работи најдобро е да се ослониме на најкомпетентните и неутрални институции.

– Во прв ред, Меѓународниот суд на правдата е тело на ОН кое има кристално јасна пресуда за тоа дека Македонија во никој аспект го нема прекршено меѓународното право, додека единственото прекршување е направено од земја членка на НАТО која не има блокирано бесправно. И од аспект на остварување на критериумите. Доколку низа години по ред Европската комисија кажува дека одамна сме ги исполниле критериумите, многу е јасно дека оние критериуми што сме ги исполниле во 2009 се трипати повеќе исполнети во 2014. Така што се друго е само барање на изговор, изјави шефот на македонската диломатија.

За време на денешниот неформален состанок, Попоски имаше можност за неформални разговори со сите министри за надворешни работи, вклучително и со домаќините, на кои им го пренесе истото што го кажа и на состанокот.

– Мислам  дека она што не охрабрува е во моменти кога толку многу зборуваме за почитување на меѓународното право, значајно е и да го применуваме, подвлече тој.

Во врска со претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во мај во Солун, Попоски рече дека тоа ќе биде можност да се види колку актуелниот претседавач со ЕУ е подготвен да го испочитува меѓународното право, тест во вистински момент и за вистинско прашање.

Според него, ставот на игнорирање на меѓународното право е во директна контрадикција со оние очекувани дела кои треба да се случат во следниот период.

– Најзначаен тест во овој момент е да видиме дали она што го говори домаќинот е подготвен и да го спроведе во пракса, а патот е многу добро трасиран, од страна на Меѓунаордниот суд на правдата и меѓународното право, рече Попоски.

Коментирајќи ги зачестените контакти со Венизелос, македонскиот министер нагласи дека е добро да има контакти, затоа што македонската страна сака навистина да се острани овој нелегално наметнат спор, без никаква основа.

– Но она што е позначајно од самите контакти е одлуките кои се носат да ги одразуваат овие принципи на почитување на меѓународното право. Само на тој начин ќе можеме да направиме вистински исчекор, а мислам дека тоа е интерес на зите земји членки на Европската унија, изјави Попоски.

Во однос на информациите во грчките медиуми дека медијаторот Нимиц по изборите во Македонија и Грција доаѓа со нов предлог за името, тој рече дека во суштина нема ништо конкретно и смета дека во секоја можност треба да се искористи делата да излезат пред зборовите.

– Многу долго време слушаме дека ова ќе се направи или она ќе се направи. Тоа што е битно, е навистина да се направи, односно да се испочитуваат обврските кои не ги задала македонската страна туку ги одредил и ги пресудил Меѓународниот суд на правдата на ОН, најкомпетентниот орган за ова прашање, изјави Попоски.

Тој не прецизира дали е оптимист во однос на евентуално решение за името во блиска иднина и нагласи дека оценката треба да биде базирана на фактите.

– Многу пати сме слушнале и вакви и такви изјави, многу пати сме зборувале за почитување на принципи во процесот на проширување и повеќе пати домаќинот ги има прекршено. Затоа единствено оценката би ја базирал врз гестовите, а не зборовите. А гестовите можат многу добро да се проверат со тоа како ќе се постави со почитување на меѓународното право, особено во рамки на претседавање со ЕУ, изјави македонскиот министер за надворешни работи Попоски денеска во Атина.

Share