Потпишан Меморандум за соработка помеѓу УИНТ „Св.Апостол Павле“ и Центарот за неформално образование „Триаголник“

Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид и Центар за неформално образование „Триаголник“ од Скопје потпишаа Меморандум за соработка, што претставува уште еден чекор во заложбите за комплементарност на формалното и неформалното образование и дава непроценлив придонес во осигурување на доживотното учење кое е основа за креирање на општество базирано на знаење.

Оваа соработка оди во прилог на заложбите на Р. Македонија за воведување на концептот на доживотно учење кој претполага дека луѓето, а пред се младите треба уште во текот на нивното образование да се стекнат со вештини и навики за континуирано учење и лична и професионална надградба. Оспособувањето за ваков пристап во учењето треба да биде преку интегриран пристап каде секоја форма на образование треба да биде ставена во функција на развивање на свест и интелектуален капацитети за учење низ целиот живот.

„Улогата на неформалното образование е во насока на градење на оние капацитети кои формалното образование по својата природа не е во можност да ги развива и тоа главно оди во насока на развивање на лични вештини но и компетенции за доживотно учење, дефинирани од страна на Советот на Европа. Во однос на ова, се надополнуваме со универзитетот од аспект на тоа што поседуваме соодветна експертиза во областите на кои се однесуваат компетенциите – комуникација, информатички технологии, развивање на способност за учење, социјални и граѓански компетенции и иницијативност и претприемништво“. – вели г-дин Жарко Трајков, Извршен директор на ЦНО „Триаголник“.

„Она што како резултат треба да произлезе од оваа соработка се првенствено академски граѓани, интелектуалци кои се комплетно изградени личности и на професионално и на лично ниво, свесни за динамичноста на времето во кое живеат и способни да се адаптираат на потребите на пазарот на трудот. Од друга страна пак, оваа соработка треба да внесе нов дух на размена на практични искуства помеѓу двете институции и споделување на експертиза, вредности и принципи на работа“. – изјави проф. д-р Иван Бимбиловски, Проректор за финансии, инвестиции и развој при УИНТ „Свети Апостол Павле“, Охрид.

Share