Продолжува санирањето на улиците во старото градско јадро

Продолжуваат активностите за санирање на оштетените делови низ улиците во стариот дел на градот кои започнаа пред десетина дена. Екипи на ЈП „Нискоградба“ и „Градски гробишта“ денеска ќе вршат санирање на калдрмата на потегот кај црквата Св. Софија, при што се преуредуваат коцките од калдрмата онаму каде што има нејзино оштетување, а просторот околу црквата ќе се уредува. Паралелно со уредувањето на ул. „Коста Абраш“ се врши санација на оштетувањата и на ул. „Цар Самоил“. Инаку, градежните активности започнаа од просторот кај малиот плоштад и ќе опфатат санација на оштетувањата на сите улички во стариот дел на Охрид.

Во насока на уредување на старото градско јадро изминатиов период, започна разубавувањето  и во населбата Канео. Заради големата фрекфенција на луѓе во овој дел од градов, посебно во текот на летната сезона, се започна со реконструкција на постоечките потпорни ѕидови, кои претставуваат опасност по безбедноста на минувачите, а заради поголема заштита ќе се подигнуваат и нови. Исто така се планира поставување на ново осветлување односно замена на старите со нови фенери ќе добие и патеката што води кон црквата посветена на „Св.Јован – Канео“. Овој дел од градот ќе добие нови зелени површини и хортикултурно ќе се дооплеменува.

Share