Се зголемува заштитата на децата од злоупотреба и питачење

Задолжителни лекарски прегледи, надзор и совети за родителство, времено одземање на детето од родителот, покренување постапка за одземање родителско право и кривична пријава за злоупотреба и занемарување на родителско право, предвидуваат измените на Законот за семејство, кои имаат за цел да се заштитат децата од злоупотреба и од принудување на питачење.

Граѓаните и натаму ќе можат пријават слулаи на деца на улица, по што соодветни стручни тимови од центрите за социјални работи ќе излезат на терен кои ќе преземат мерки за нивна заштита.

„Со новите измени на Законот за семејство кои стапија во сила оваа недела, на јасен, презициран и унифициран начин се уредува заштита на децата од злоупотреба од питачење и се овозможува недвосмислена грижа за спречување на злоупотребата на децата,“ рече Спасов додавајќи оти со измените се прави прецизирање на одредбите кои се однесуваат на злоупотреба и грубо занемарување на вршењето на родителските должности од страна на родителите.

Тој појасни дека согласно измените наведувањето на детето на питачење или користење на детето за питачење ќе се смета за злоупотреба и грубо занемарување на вршење на родителските должности.

„Во случаите, кога центарот за социјална работа, ќе утврди дека родителот го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење, центарот за социјални работи ќе му укаже на родителот за недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, и задолжително ќе донесе решение за постојан надзор над вршењето на родителското право, а ќе спроведе стручно советодавна работа со родителите и со детето. Доколку родителот на детето не постапи по укажувањата на центарот за социјална работа и повторно го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење, тогаш Центарот веднаш времено ќе го одземе детето од родителот, ќе покрене постапка за одземање на родителското право пред надлежен суд и задолжително ќе поднесе кривична пријава против родителот, а треба да обезбеди и згрижување на детето до донесување на конечната одлука на судот за одземање на родителското право“, истакна министерот за труд и социјална политика.

Во случај, пак, родителот со наведувањето на детето на питачење или со користење на детето за питачење, го довел во опасност животот на детето, тогаш центарот за социјална работа е должен веднаш времено да го одземе детето од родителот, без претходно да му се изрече мерка надзор над родителско право.

За да може да се спроведат измените центрите за социјални работи добиваат нови задолженија. Стручни тимови ќе треба да ги однесат децата на задолжителен здравствен преглед во здравствените установи, при што ќе се изврши проверка на крвта и урина со цел утврдување на одредени заразни заболувања или користење на дрога или други психотропни супстанци. Здравствениот преглед на децата од Скопје и околината до 14 годишна возраст ќе се врши во Клиниката за детски болести во Скопје, а за децата над 14 годишна возраст здравствениот преглед ќе се врши во Клиниката за токсикологија. Трошоците ќе бидат подмирени од страна на министерството за труд и социјална политика.

„Во сите центри за социјална работа ќе има лице за координација и стручен тим кои ќе бидат постојано достапни и ќе интервенираат веднаш по пријавата од граѓани кои ќе можат и натаму да пријавуваат вакви случаи на бесплатната телефонска линија 15505. Веднаш по пријавувањето на информацијата таа ќе се проследи до тимот од Центарот за социјални работи кој и ќе излезе на терен и ќе ги превземе сите потребни мерки“, рече Спасов.

Директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова вели дека навремените здравствени прегледи се од исклучителна важност заради навремено дијагностицирање на евентуални заразни болести, злоупотреба на дроги, но и друга помош за поефикасно вклучување на децата кои биле злоупотребувани или користени за питачење. Само така, рече таа, ќе се дојде де ефикасно лечење и што е најважно заздравување и градење на таквите деца во позитивни личности.

Таа истакна дека и досега на клиниката имало случаи на деца кои биле терани да питачат. Кај дел од нив биле констирани заразни болести, но било утврдено иу дека злоупотребувале дроги.

Статистичките податоци покажуваат дека во 2013 година во Скопје на улица се затекнати 27 деца, а во другите делови од Македонија 89 деца. Од тие 27 деца во Скопје, 12 се најдени сами, а 15 во придружба на родител или друго возрасно лице. Повторници се десет деца, одземено е родителско право за 5 родители, изречен е надзор над родителско право за 10 деца. Во згрижувачки семејства се сметени 7 деца, а едно во домот за доенчиња во Битола. Поднесени се 15 кривични пријави за занемарување на родителско право.

Во останатиот дел од земјава од 87 деца најдени на улица, одземено е родителско право за три родители, за 6 деца. Мерка надзор е изречена за 35 родители, сместени во згрижувачко семејство се 4 деца, а долгорочно сместени во устанива се 5 деца.

Share