Со „Европа Ре“ до посигурно и поквалитетно осигурување од природни катастрофи

Со промоција на првиот производ за осигурување од земјотрес од денеска во Македонија почнува да функционира специјализираната компанија за реосигурување на имот од катастрофи „Европа Ре“.

Главни акционери се владите на Македонија, Србија и Албанија, а формирана е и поддржана од Светската банка, Швајцарската организација за економска соработка, Глобалното партнерство за заштита на животната средина, ЕУ и ОН.

 Новите иновативни осигурителни производи ќе се продаваат преку постојаните локални осигурителни компании кои ќе учествуваат во „Европа Ре“ програмата.

Покрај осигурувањето од земјотрес, наскоро е најавена промоција на нов осигурителен производ од поплави, како и осигурување за земјоделските посеви.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, овој регионален проект обезбедува долгорочни придобивки и сигурна финансиска заштита на имотот на граѓаните, бизнис секторот и земјоделците, но и можност средствата од буџетот што се одвојуваат за штети од елементарни непогоди да се заштедат и пренаменат во изградба на нови инфраструктурни објекти.

„Анализите покажуваат дека земјите од Југоисточна Европа се исклучително ранливи на поплави, суши и други појави предизвикани од климатските промени, како и на ризици од земјотреси, лизгање на земјиштето и слични елементарни непогоди. За тоа говори и податокот на Светска банка дека претпоставените економски штети кои можело да ги претрпи Македонија и нејзината екононија од евентуални слични елементарни непогоди може да достигнат и до 40 проценти од БДП, што е над две милијарди долари,“ истакна Ставрески на денешниот официјален почеток на „Европа Ре“.

 Според него, директното учество на Владата во оваа компанија дава гаранција дека ова осигурување ќе функционира на долг рок и ќе ги исполнува обврските кон граѓаните, бизнис секторот и земјоделците.

Напомена дека секоја година од буџетот на државата се одвојуваат околу 90 милиони денари за покривање штети од елементарни непогоди што е далеку од потребните за да се покријат фактичките штети што ги трпат граѓаните, земјоделците, стопанството и целата економија како последица на елементарните и временските непогоди.

„Како одговорна Влада донесовме одлука да не стоиме настрана и да не чекаме, туку да дејствуваме навреме и да ги пресретнеме несаканите последици. Покрај постојаните вложувања во јакнење на системот за управување со кризи, одлучивме да вложиме конкретни средства во износ од 5 милиони американски долари, заем од Светска банка кои ќе се користат за креирање на еден нов систем за осигурување и реосигурување на имотот и бизнисите во Македонија“, рече Ставрески.

 Тој најави дека покрај ова, Владата ќе продолжи и во иднина со покривање на 60 проценти од износот на полисата за осигурување за земјоделците за ризици од природни непогоди.

 Главниот извршен директор на „Европа Ре“, Хајнц Фоленвајдер оцени дека со овој проект граѓаните на Македонија добиваат вистинска можност да го осигураат својот имот од природни несреќи со сигурно и пристапно осигурување.

Исто така државата добива поголема финансиска заштита од несаканите природни непогоди, како и можност дел од средствата што ги одвојува за справување со последиците од овие несреќи, да ги инвестира во други програми како што се градење училишта, болници, патишта….., “нагласи Фоленвајдер.

 Катарина Штокер, заменик-директор на Швајцарската канцеларија за соработка со Македонија, истакна дека компанијата работи по најстрогите швајцарски стандарди во областа на осигурувањето и оти тоа претставува дополнителна сигурност дека навремено и квалитетно ќе бидат покриени штетите од природните непогоди.

 „Европа Ре“ ќе им понуди на граѓаните и деловниот сектор и можност преку CATmonitor интернет страницата да добијат информации за изложеноста на нивниот имот од ризик од земјотрес или поплава.

Share