Црвен крст Охрид им додели признанија на оние кои помогнале во развојот и унапредувањето на крводарителството

Црвениот крст Охрид денеска го одбележа Денот на крводарителството во Република Македонија и денот на формирањето на Црвениот крст. Црвениот крст Охрид и 2013 година ја вбројува во успешните години во делот на крводарителството со собрани 1734 единици крв, што значи дека годишниот план за крводарителство беше надминат за 2,79%.

„Треба да напоменеме дека вчера на централната свеченост добивме признание и плакета од страна на Црвениот крст на Република Македонија за исполнет план во крводарителството. Крводарителските акции продолжуваат и понатака во организација на Црвениот крст и со труд и заложба на службите во трансфузиологија при Општата болница и во болницата „Св.Еразмо“.“ – изјави претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Милчо Бујароски е еден од повеќето крводарители кои што има дарувано крв над 50 пати и кој им препорачува на оние кои досега не дарувале крв тоа да го сторат, бидејќи тоа значи живот.

„Крводарител сум со повеќе од 50 пати дарувана крв, и знам дека мојата крв спасува животи во секој случај. Нас не само на ниво на општина туку и на ниво на држава ни се потребни вакви луѓе, а гледам дека има доста од нив и би им препорачал и на оние на кои што досега не им било чест да даруваат крв, да почнат да даруваат затоа што е доста племенита работа.“ – истакна Милчо Бујароски, крводарител.

Претседателот на Црвениот крст Охрид, Точков изрази благодарност и почит до сите крводарители, сите мотиватори и сите оние фирми, поединци, институции кои што допринесле за развој и унапредување на крводарителството.

„Она што сакам да го истакнам тоа е можноста и отвореноста на Црвениот крст за секој кој што сака да биде крводарител, ќе биде добредојден овде. Посебно сакам да истакнам дека во 2013 година 57% од сите крводарители се лица кои првпат дарувале крв од редот на младите. Тоа особено ни дава поттик и понатака да работиме во тие средини, во школските средини, пред се во средните училишта, но и факултетите во Охрид, каде што лежи таа сила хумана, таа популација која што навистина е желна да ја сподели хуманоста на овој начин, да даде крв и да спаси човечки живот. По тоа Охрид ќе биде препознатлив и многу време нанапред затоа што е еден голем потенцијал.“– додаде Точков.

Денот на крводарителството на Р.Македонија се одбележа со пригодна свеченост во просториите на Црвен крст Охрид, каде беа доделени признанија, плакети, благодарници на повеќекратни крводарители, институции, фирми и поединци кои придонеле за развојот и унапредувањето на крводарителството.

Share