Јанакиески: Голем интерес за гасификацијата на Скопскиот регион

Голем број компании се заинтересирани за проектот за изградба на дистрибутивна мрежа на природен гас во Скопскиот регион. Гасоводната мрежа ќе се гради по принципот на јавно-приватно партнество, а се проценува дека ќе чини околу 100 милиони евра.

– Се уште е рано да очекуваме поднесување на документација бидејќи тоа треба да се случи во мај. Има голем интерес. Сите наши економски промотори и амбасади се вклучени во анимирање на компаниите. Очекувам дека ќе има поголем број компании кои ќе достават апликации за да се квалификуваат во вториот круг што би значело најголем дел од нив да дадат финансиска понуда, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред почетокот на презентацијата на проектот во Стопанската комора на Македонија.

Концесијата ќе се додели за период од 20 години, а надлежните очекуваат дека договорот ќе биде потпишан до крајот на годината. Концесионерот во рок од четири години ќе треба да изгради 70 проценти од дистрибутивната мрежа во овој регион кој опфаќа 17 општини.

Анализите покажуваат дека гасификацијата претставува исплатлива инвестиција како за домаќинствата, така и за бизнис секторот. За една третина ќе се намалат трошоците, а инвестицијата се враќа за една до три години.

За просечен стан од 80 метри квадратни, приклучокот кон оваа мрежа ќе чини околу 100 евра, а над оваа квадратура ќе се доплаќа по 1,25 евра за метар квадратен. Приклучокот за комерцијалните објекти ќе биде по 1,25 евра по метар квадратен.

Скопскиот регион ќе биде првиот од планираните три региони во државата кои ќе се гасифицираат.

Share