Јанкулоска: Единицата го заслужува епитетот – елитна

„Денес овде заедно чествуваме еден исклучително значаен датум, денот на формирање на Единицата за специјални задачи „Тигар“- 13 март. Единица на која што МВР, но и граѓаните на Република Македонија се особено горди, затоа што станува збор за структура составена од луѓе кои со својата подготвеност, пожртвуваност, и други професионални квалитети со право докажале дека Единицата го заслужува епитетот елитна“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето поздрано обраќање пред припадниците на ЕСЗ во касарната Илинден а по повод 13-Март денот на формирање на оваа единица во составот на МВР.

Министерката Јанкулоска нагласи дека многупати досега се докажало на дело неспорното значење и улогата што ја имала и ја има Единицата за Специјални Задачи од нејзининото постоење до денес.

„Во сите активности, планови, проекции на Министерството, нејзината функционалност и улога секогаш во овие години зад нас беше во самиот врв на приоритети во секојдневното наше работење. Со право можам да констатирам дека денес, 33 години по нејзиното формирање Единицата за специјални задачи преставува модерна формација во чиј состав влегуваат високо-обучени специјализирани тимови за различни видови намени и задачи, а за кои се бара и е потребно посебно ниво на обученост, вештини, знаења“, потенцираше Јанкулоска.

Во овој контекст министерката Јанкулоска посочи дел од низата активности реализирани од страна на МВР во насока на натамошен развој и надградба на единица почнувајќи од веќе изготвената нова систематизација и реорганизација на ЕСЗ, персоналното пополнување и освежување со нови кадри, како и темелната реконструкција на објектот – Базата на Единицата. Исто така Јанкулоска посочи дека за прв пат во нејзината историја, Единицата за Специјални Задачи ќе биде опремена со најмодерна и високософистицирана опрема и вооружување бидејќи е составен дел во програмата на Министерството, којашто пак треба да се реализира во рок од две години, што значи дека, за прославата на 35 годишнината од формирањето, и оваа задача ќе биде целосно реализирана.

Во оваа прилика министерката Јанкулоска им оддаде и почит на заганитатите припадници на “тигрите“ кои ги загубија животите извршувајќи службени задачи – “Нивната жртва, но и жртвата на нивните семејства нема да биде заборавена од нас и од граѓаните на оваа земја, вечно ќе им бидеме благодарни“, нагласи Јанкулоска.

Share