Каков е приемот на МОРИС Телевизија? Што ви се допаѓа, а
што не? Кажете го вашето мислење, предлог, пофалба или критика
editor@moris.com.mk

 

 

 
НИВОТО НА ЕЗЕРОТО НЕПРОМЕНЕТО
Според информациите од Центарот за управување со кризи, нивото на водата во Охридското Езеро трет ден по ред е непроменето што значи дека водостојот е ист во однос на вчерашниот и завчерашниот ден, и изнесува 23 сантиметри над редовното ниво. Според последните податоци од Центарот за управување со кризи, намален е дотокот на локалните реки во езерото.

Испустот на вода преку портите на Црн Дрим изнесува 61 метар кубни во секунда, додека од преливната шахта на Глобочичкото Езеро се излеваат 38.8 метри кубни вода во секунда.
Според податоците кои Координативното тело ги доби од Управата за хидрометеоролошки работи, во следниот период следува променливо облачно време, во четврток се очекуваат обилни дождови во западниот дел на Република Македонија. Најавите говорат дека во петок и сабота ќе дојде до намалување на температурите, а можни се и врнежи од снег и дожд, додека за во недела се најавуваат повторно обилни врнежи од дожд.

Како резултат на најавите за врнежи од дожд во западниот дел од Република Македонија, каде би можело да дојде до покачување на нивото на Охридското Езеро, координативното тело за превенција од природните непогоди донесе одлука превентивно да се постават насипи од вреќи со песок на најниските, односно најкритичните точки на Охридското Езеро. Акцијата ја спроведуваа екипи на Дирекцијата за заштита и спасување во соработка со локалната самоуправа.
Исто така, на локација во Пештани превентивно ќе бидат поставени камени насипи за да се попречи евентуалното прелевање на водата.
Имено како што информираат од Министерството за транспорт И врски забележаниот повисок водостој, не е највисокиот водостој Што е забележан низ годините на Охридското езеро . според графичкиот приказ на водата на Охридското езеро редовното ниво е означено со испрекината црвена линија И изнесува 693.75 мнв. Со црвена полна линија е изначено денешното ниво, кое е исто во изминатите три дена и изнесува 693.98 мнв, што значи дека има 23 см покачување од редовното ниво.
Од графичкиот приказ може да се види дека низ годините езерото достигнало максимално ниво во 1971 година и нивото тогаш изнесувало 694,51 мнв, што е за 53 цм повисоко од денешното.
Од графичкиот приказ може да видиме дека минимално дозволеното ниво на Охридското Езеро изнесува 693,10 мнв. Езерото во четири наврати се спуштило под ова минимално дозволено ниво, а најниско било во 1993 година, кога достигнало 692.93 мнв, што значи се намалило за 17 см.
Оттука, може да се заклучи дека за вкупно 52 сантиметри надморска височина денешното ниво е далеку пониско од максималното кое го достигнало Охриското Езеро во 1971 година. Затоа, апелираме на разумност кај сите кои даваат свои оценки и изјави за состојбата, затоа што од овие непогоди се погодени и населени региони каде со непромислени и непотврдени проценки може да се внесе непотребна паника и страв кај граѓаните.
Состојбата е стабилна и постојано се мониторира. Состојбата постојано се следи од страна на Координативно тело за превенција од природните непогоди кое е составено од претставници на сите релевантни институции и се утврдуваат потребните мерки за преземање, за што, секако, постојано се информира јавноста.
3 Mar 2010 - 10:51 by Весна Стефаноска вести

News management powered by Xpression News